|
„ЦРВЕНО-ЖОЛТИТЕ“ ВО ГРУПАТА Б ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2012 ГОДИНА
Македонија во група на надежта
Ждрепката за квалификациите на ЕП 2012 година во Полска и Украина која се изврши во Палатата на културата и науката во Варшава, беше наклонета на македонската фудбалска репрезентација но не и на Фудбалската федерација на Македонија. “Црвено-жолтите“ е во група во која се е можно, во која противниците добро се познаваат и во која се репрезентации против кои Македонија има играно повеќепати. Значи група во која нема непознати елементи, освен што тоа ќе биде формата во која ќе ги одиграат квалификациите. Во секој случај, Македонија добри група која дава надеж дека во овие квалификации црвено-жолтите ќе можат да изборат место кое во најмала рака ќе води во баражот. - Според мене групата не е многу тешка и имаме големи шанси за пласман на ЕП, особено за освојување на второто место кое води во бараж. Би рекол дека отскокнува Русија, која е фаворит, но против која доколку ни се совпаднат некои работи можеме на свој терен да очекуваме успех. Јас најмногу се плашам од Република Ирска, која е најопасна од сите селекции во групата. Словаците ни лежат, бидејќи во последно време играат одбранбен фудбал што ни оди во прилог, иако не би смееле да се потценат. За Ерменија и Андора не би сакал да трошам многу зборови, бидејќи ако нив не ги победиме дома и во гости не ни заслужуваме да се надеваме на поголем успех - изјави Филип Деспотовски, клучен играч од средниот ред на македонската репрезентација. Според пропозициите првопласираните репрезентации од групите ќе се пласираат директно на завршниот турнир како и најдобрата второпласирана селекција. Осумте преостанати второпласирани репрезентации ќе играат бараж натпревари за пополнување на четирите слободни места. Но, ако фудбалерите и македонската фудбалска јавност имаат големи причини за задоволство, истите ги нема фудбалскиот врв. Во групата нема атрактивни противници, нема репрезентација која носи многу финансиски средства од ТВ права и од преполн стадион. Тоа значи дека ФФМ ќе остане без значителни средства од ТВ права, додека колкави ќе бидат заработените пари од влезници и дали Арената Филип втори во Скопје ќе биде исполнета до последното место ќе зависи од репрезентацијата и нејзините шанси за пласман на завршниот турнир. Дури и една Андора би можела да значи полн стадион, доколку натпреварот одлучува за пласман. Како и да е се зависи од нашите репрезентативци. Селекторот Мирсад Јонуз кој заедно со претседателот и генералниот секретар на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески и Игор Климпер беше присутен на извлекувањето во Варшава е задоволен од составот на групата: - Добивме тешка група но и група која може да значи и чекор напред за репрезентацијата во смисла на освојување на некои од првите две места. Противниците се солидни, квалитетни и претставуваат вистински предизвик за нас. Според нивните квалитети можеме да ги постигнеме посакуваните резултати. Реално аутсајдер е Андора, додека сите останати селекции, вклучувајќи не и нас можат да се најдат во битка за првите три места на табелата. Русија е секако фаворит број еден, но е противник кој може да се изненади. Останатите противници не би ги анализирал посебно. Со некои од нив имаме играно во блиското, а со некои во подалечното минато но секако сите добро ги познаваме. Работите сега се променети. Наше е да се мобилизираме правовремено, да ги подготвиме играчите за успешни игри, да стекнат уште поголема доверба во своите можности .Останувам на ставот дека имаме квалитет, имаме потенцијал и се ќе зависи од нашата форма, подготвеноста на играчите, нивните стандардни игри во тимовите и се разбира поддршката од јавноста и нашите обожаватели - изјави селекторот Мирсад Јонуз. Распоредот на натпреварите во Б групата ќе се направи на 18 февруари во Москва.
Незгодна група за Италија
Од преостанатите осум квалификациски групи за ЕВРО 2012, најинтересна дејствува групата Ц, во која Италија како носител нема да има нималку лесна задача против селекциите на Србија, Северна Ирска и Словенија. За целосни аутсајдери во оваа група важат Естонија и Фарските Острови. Актуелниот европски првак Шпанија е голем фаворит во групата со Чешка, Шкотска, Литванија и Лихтенштајн, а неизвесна се очекува да биде групата „Ф”, каде се најдоа Хрватска, Грција, Израел, Летонија, Грузија и Малта. Квалификациите почнуваат на 3 август оваа година, а завршуваат на 11 октомври 2011 година. Бараж мечевите се играат на 11/12 и 15 ноември следната година. Група А: Германија, Турција, Австрија, Белгија, Казахстан, Азербејџан Група Б: Русија, Словачка, Република Ирска, Македонија, Ерменија, Андора Група Ц: Италија, Србија, Северна Ирска, Словенија, Естонија, Фарски Острови Група Д: Франција, Романија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Албанија, Луксембург Група Е: Холандија, Шведска, Финска, Унгарија, Молдавија, Сан Марино Група Ф: Хрватска, Грција, Израел, Летонија, Грузија, Малта Група Г: Англија, Швајцарија, Бугарија, Велс, Ц.Гора Група Х: Португалија, Данска, Норвешка, Кипар, Исланд Група И: Шпанија, Чешка, Шкотска, Литванија, Лихтенштајн
Досегашни натпревари со противниците 10 мај 1995 Ерменија – Македонија 2-2 6 септември 1995 Македонија – Ерменија 1-2 9 октомври 1996 Р. Ирска – Македонија 3-0 2 април 1997 Македонија – Р. Ирска 3-2 9. јуни 1999 Р. Ирска – Македонија 1-0 9. октомври 1999 Македонија – Р. Ирска 1-1 3. септември 2000 Словачка – Македонија 2-0 7. октомври 2001 Македонија – Словачка 0-5 29 март 2003 Македонија – Словачка 0-2 10. септември 2003 Словачка – Македонија 1-1 18. август 2004 Македонија – Ерменија 3-0 13. октомври 2004 Андора - Македонија 1-0 9. февруари 2005 Македонија – Андора 0-0 4. јуни 2005 Ерменија – Македонија 1-2 11 октомври 2006 Андора – Македонија 0-3 15 ноември 2006 Македонија – Русија 0-2 8. септември 2007 Русија – Македонија 3-0 17октомври 2007 Македонија – Андора 3-0
ГРУПА Б
1. Русија 2. Словачка 3. Р. Ирска 4. МАКЕДОНИЈА 5. Ерменија 6. Андора
|