|
ПОГЛЕД НА ДОМАШНАТА АНДЕРГРАУНД-СЦЕНА
Одиме напред, ја чекаме публиката
Дамјана Ивановска
Андерграунд-сцената кај нас е силна, а многумина истакнуваат и дека, можеби, е најсилната во регионов. Забележливо е нејзиното влијание преку квалитетната музичка енергија што ја создава. Изминативе неколку години музиката на оваа сцена е значајно напредната, а важно е и што има континуитет и создава нова публика. Музиката на „Мугер фугер“, „Бернајс пропаганда“, „Д‘Џон“, „Беи д‘фиш„, „Стринг Форсис“, „ПМГ Колектив“, Сашко Костов, Милко, „Поган Паган“, „Аутмајнд“, и многу други ја збогатува сцената и постојано нуди нешто свежо. Дел од овие групи имаа значен настап надвор од земјава и веќе се препознатливи музички имиња од Македонија. За материјалот што го создаваат овие музичари сведочат нивните настапи и повратната енергија што ја добиваат и надвор од земјава. Сепак, иако се пофалувани насекаде, како да недостига публика, или поточно, масовна заинтересираност за нив. Можно ли е, самите да не си го препознаваме квалитетот што ни се случува дома? За состојбата на творечката енергија на андерграунд-сцената, уредникот на музичкото радио „Канал 103“, Костадин Шурбановски - Шурбе истакнува дека понудата на квалитетни групи, автори, концертни настапи и албуми е на завидно ниво. - Македонската андерграунд-сцена никогаш не била пожива, побогата, повитална, поинтересна и повозбудлива. За жал, експанзијата на квалитетна музика кај нас не оди во правопропорционална линија со порастот на публиката што ја консумира. Дијагнозата на причините за таквата состојба бара сериозна и сеопфатна социолошко-културолошка анализа на системот на вредности, интересите, потребите, приоритетите и воопшто животот на младиот човек во Македонија - рече Шурбановски. Музичарот Сеад Хаџиќ - Сецко од познатата група „Мугер фугер“ со гордост говори за сегашната состојба на музичката андерграунд-сцена. Тој кажа дека сцената е во постојан подем, но кога станува збор за реакцијата на публиката, проблемот го пронаоѓа во политиката на медиумите што како да се обидуваат да го сопрат развивањето на културата кај публиката. -Се работи за тоа дека новинарите треба да го опишат нивниот труд затоа што само така може да се изгради културата и да се истакне тоа што е навистина квалитетно. Кога некоја група ќе излезе надвор, тогаш се гледа колку е добра и квалитетна затоа што ние се уште не сме развиле критериум за тоа што е добро и квалитетно - објаснува Хаџиќ. Кон проблемот што ја засегнува токму експанзијата и влијанието на македонската андерграунд-сцена се надоврзува и Жарко Тантуровски од веб-порталот „плагиј.ат“, кој ја следи оваа сцена кај нас. - Мислам дека целиов овој наплив на нови групи со тек на време ќе создаде една добра сцена, од квантитетот ќе се исфилтрира квалитетот, кој истрајно и доследно ќе ги брани нашите бои. Во моментов, ние имаме одредени групи што би можеле да застанат рамо со рамо со кој било од водечките групи од регионот - објаснува Тантуровски. Тој додава дека во регионов, за разлика од кај нас, сцената е застаната на постабилни нозе, а го наведе и проблемот со клубовите, кои се ограничени со својот капацитет и можности. - Проблемот кај нас е тоа што трендовите малку доцнат, па варира заинтересираноста на луѓето за сцената. Колку-толку, веќе можеме да се пофалиме со одредена публика што будно ги следи сите културни случувања кај нас. Последнава година, дефинитивно, можеме да се пофалиме со огромна палета концерти што се случија во Скопје. Некои беа повеќе посетени, а некои квалитетни групи ги пропушти окото на јавноста. Тоа создава проблем кај организаторите, но добро е што нашите промотори се со огромно срце и со камени плеќи, па никако не се откажуваат и тераат напред - рече Тантуровски. За ваквите поместувања во однос на концертите и во промовирањето на музичкиот материјал влијаат повеќе фактори. Во последниве неколку години се создаваат поволни услови за формирање одлични групи, кои прават музика и кои ја размрдаа стереотипноста и внесоа поместување во стандардите. Ако порано беше многу тешко да се промовира една група, денес преку профилите на „мајспејс“ и на „фејсбук“, лесно може да се дојде до нивната музика. Така се повеќе се буди публиката што го бара новиот звук на новото време. За овие придобивки на новите времиња зборуваше и Владица Младеновски - Грга, одговорен за музичката програма на Младинскиот културен центар, кој истакнува дека денес се почесто се случуваат концерти и случувања. - Многу фактори влијаат на целата ситуација. Музичкото радио „Канал 103“ сериозно ја третира новата македонска сцена, издавачите се подразбудија, се отворија неколку клубови во Скопје, МКЦ ги отвори портите, групите во се поголем број веќе патуваат на турнеи по Балканот и Европа. Додека, пак, веб-локацијата „плагиј.ат“ ги рецензира новите изданија на групите и со активно и со целосно внимание ја следи сцената - изјави Младеновски. Тој кажа и дека македонската сцена е далеку од тоа како ја замислува, меѓутоа е сосема пристојна. - Слободно можам да кажам дека е рамо до рамо со регионалната сцена. Да не звучи нескромно, но нема да биде претерување и ако кажам дека е водечка во регионот. Немаме многу групи по број, но, секако, со квалитетот можеме да се гордееме - рече Грга. Сликата на денешната состојба во која се наоѓаат младите и коментарите дека тие како да имаат загубено желба за пронаоѓање нов звук и нешто со што би ја издвоиле сопствената индивидуалност, полека се менува. Како што велат нашите соговорници, одиме напред, па очекуваме ситуацијата да се подобри.
„Беи д’фиш“ почнува соработка со Ем-Ти-Ви
Најновата песна на „Беи д’фиш“, „Труе сторѕ“ почна да се врти на светската музичка телевизија Ем-Ти-Ви. Направен во САД, овој спот е дело на познатиот визуелен уметник Георги М. Унковски. Оваа песна се наоѓа на нивниот најнов двоен албум „Тиме то маке тхингс ригхт” издаден од „ПМГ рекордингс“ и продукција „Круг“. Овој албум македонското радио „Канал 103“ го смести меѓу најдобрите албуми за 2009 година и тоа на петто место, а песната „Ливиг ин а боџ“ се најде на третото место на листата за најдобри песни. Нивната музика за претставата „Марад Сад“, во режија на Васил Христов, во издание на „ПМГ рекордингс“ се најде на осмата позиција. Според хрватскиот портал за култура, „Терапија“, „Тимес то маке ит ригхт“ се искачи дури на третото место, а на исто место е и песната „Ливин’ ин а боџ” на листата за најдобра песна во регионов. Српскиот неделник „Новости“ во изборот за најдобар албум од регионов овој албум на „Беи д’фиш“ им го додели петто место а на првото место се најдоа „Бернајс пропаганда“.
„Бернајс“ одлично ја сработија годината
Групата „Бернајс пропаганда“ повеќето ја издвојуваат како една од најдобрите во последнава година кај нас. Тие никогаш не даваат изјави за медиумите, нивната музика е една цела филозофија и имаат идеолошка предлошка. Нивните текстови му удираат шлаканица на потрошувачкото општество и на капитализмот, на лицемерството и на предрасудите, додека музиката е разиграна и влегува во уво на прво слушање. - Тие настапија во толку многу европски градови за кои повеќето македонски музичари, па и тие, демек, етаблираните можат само да сонуваат - вели Шурбановски. Владица Младеновски, пак, исто така, рече дека ако мора да издвои една група од нашата сцена ,тоа и бил „Бернајс пропаганда“. -Тие опасно добро ја „сработија“ 2009 година. Со одличен дебитантски албум и со 104 концерти во година од 365 дена, дефинитивно, се издвојуваат од другите групи – рече Младеновски Дебитантскиот албум „Хаппѕнесс мацхинес“, кој излезе минатата година достигна голем успех и во листите на најдобри албуми во регионов.
|