|
ВО КРУШЕВО ОД ЦРКВАТА НА „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“
Украдени 22 икони од Дичо Зограф
Украдени се 22 вредни икони од Дичо Зограф, кои датираат од втората половина на 19 век, и два сребрени предмети од црквата „Успение на пресвета Богородица“ од Крушево. Кражбата е извршена ноќта спроти неделата и полицијата трага по сторителот или сторителите. Стручна екипа од Завод и музеј од Прилеп денеска ќе изврши увид. Црквата е изградена 1867 година и во неа има збирка на икони од кои 135 се евидентирани од заводот и музејот и се од познатиот иконописец Дичо Зограф. - Формирана е комисија за да направиме увид и споредбена проверка со евидентираните икони и да видиме, всушност, кои икони се украдени. Извештајот од увидот ќе го испратиме до Управата за заштитана културно наследство и ќе се преземаат мерки во согласност со Законот за заштита на културното наследство - вели Гордана Данаилоска- Спиркоска, директорката на Завод и музеј од Прилеп. Во полиција кражбата ја пријавиле од црковниот одбор. - Интензивно се работи на пронаоѓање на сторителот, односно сторителите, кои во црквата влегле низ влезната врата со изработен клуч - велат од МВР. Надлежноста на Завод и музеј од Прилеп е задолжен да ја врши заштита на културното наследство во Крушево. - Физичкото обезбедување на објектот и се што е во објектот е надлежност на МПЦ, односно на црквата во Крушево, евентуално на Општината доколку сака да им помогне, но во никој случај не е наша надлежност - вели Гордана Данаилоска Спиркоска, директорката на Завод и музеј од Прилеп. Отецот Данчо Пусоски од црквата не беше достапен за изјава. Вредноста на украдените икони е непроценлива. - Ова се постапки што никому не му одат в прилог и да не заборавиме дека сме ние епизода во вкупното живеење на Македонија, а по нас доаѓаат и други генерации, кои треба да знаат што имаме како културно наследство и да учат за нашите дела што ќе ги оставиме, па така и за иконите - вели Гордана Данаилоска-Спиркоска, директорката на Завод и музеј од Прилеп.
Св. Р.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|