|
ДАЛИ СЕ ИЗБРЗУВА СО ПЕСИМИСТИЧКИТЕ ПРОГНОЗИ?
Ветото да не биде алиби
Изјавите на министерот Антонио Милошоски дека е многу веројатно јужниот сосед да приреди уште едно вето за Македонија, овој пат во Европската унија, не одат во наш прилог и можат дополнително да ги искомпликуваат односите меѓу двете земји, реагираат домашни експерти. Тие оценуваат дека позитивниот извештај од ЕК не зависи од Грција, туку исклучително од постигнатите резултати, и затоа власта треба да ги вложи сите напори да ги исполни условите што се бараат. Калинка Сентиќ - Габер од центарот „Форум“ вели дека, како што стојат работите во овој момент, Брисел ќе донесе позитивна одлука за Македонија иако ги немаме исполнето сите критериуми што ги постави комесарот Оли Рен. - Условите не се однесуваат само за законите што треба да се донесат во Собранието, туку на сите осум одредници. Изјавите дека Грција ќе постави блокада е алиби што Владата ќе го искористи во прилог за самопромоција. Одлуката на ЕК ќе биде политичка и ќе содржи датум за почеток на преговори за членство - вели Габер. Кристијан Хедберг, шефот на одделот во директоратот за проширување на ЕУ, вчера престојуваше во Скопје на средба со вицепремиерот Васко Наумовски за да види во колкава мера Македонија ги исполнила зададените критериуми. Тој по враќањето во Брисел ќе поднесе извештај за напредокот на Македонија на еврокомесарот за проширување Оли Рен. Ветон Љатифи од Институтот за демократија и развој вели дека треба да се биде внимателен со изјавите за можна блокада од страна на Грција и дека тие не ни одат в прилог. На ваков начин влегуваме во нивната шема и оставаме впечаток на држава што има проблем со надворешната политика- До овој момент нема јасни укажувања дека Грција ќе постави вето за почеток на преговорите за членство и затоа не треба да прејудицираме со можни одлуки. Во ЕУ како никогаш досега постои расположение за позитивен извештај и власта тоа треба да го искористи со тоа што ќе исполни најголем дел од условите - вели Љатифи. Министерот Милошоски завчера изјави дека Грција ја зацврстува својата позиција во однос на прашањето за името. Неговата колешка Дора Бакојани досега неколкупати се закани дека евроинтеграцијата на Македонија оди исклучително преку решавање на спорот за името и дека Грција во спротивно ќе го блокира почнувањето на преговорите за членство.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|