|
СЕ ЗГОЛЕМУВА ТАГАТА ВО СЕМЕЈСТВОТО НА ИСЧЕЗНАТАТА АНГЕЛА
Да имаше коски кај Пештани ќе летаа и орли
Светле Ристеска
Пред соопштувањето на официјалните резултати од ДНК-анализата, кои треба да бидат објавени утре од истражителите, со што ќе се знае дали коските најдени крај прилепско Пештани и припаѓале на шестгодишната Ангела, во семејството Ѓорѓиоски се зголемува и тагата и нервозата. Родителите Борка и Анастасија ги очекуваат резултатите од Институтот за судска медицина, но и да се потврди дека остатоците се од Ангела, тие не веруваат дека нивната ќерка успеала сама да отиде пет километри далеку во планината. - Ангела тој ден појадуваше само една лажичка вода и лук, што значи дека немаше сили на влечки да стигне до таму каде што тврди полицијата. Не ми се верува дете само да појде до таму. Плус на 40 Целзиусови степени. Не можам повеќе да истрпам! Единствено, некој ако ја однесе таму. А и така да е, шест месеци орел немаме видено, само господ знае како и што било - вели мајката Анастасија. Мајката вели дека Ангела не зашетувала низ селото и била психички здрава и права. - Од овој пат, од дома одеше до Аргачот и до онаа куќата долу што се гледа и овде од кај Грозде. Само на тие две места одеше сама - вели мајката Анастасија. Таткото Борка не сака да поверува на претпоставката дека Ангела можела до таму да отиде сама и по вторпат оди на местото каде што ловџиите пронајдоа остатоци од детски труп. Институтот за судска медицина треба да ги соопшти резултатите од пронајдените коски кај Самовилец, на кои немало мрсни остатоци. Љупчо Тодорсоки, директорот на Бирото за јавна безбедност дента кога се пронајдоа остатоците изјави дека покрај коски и коса, е пронајдено и ткиво. Мистеријата во селото продолжува. Селаните тврдат дека дете до таму не можело да заскита само. - Точно е дека полицајци пребаруваа куќи во селото, но не кај сите. Кај некои селани не ни влегоа. Кај мене дојдоа не знам колку пати, бараа во сите соби, во визбата. Но, има куќи во кои воопшто полицаец не стапна - вели Ѓоре Даноски, ерген од Дуње. Според МВР, во последните 10 години се пријавени 46 случаи за исчезнати лица до 14 години. Расветлени се 44 случаи и се пронајдени 48 деца.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|