|
ДАЛИ Е НА СЦЕНА МОРБИДЕН ПЛАН ЗА „ЧИСТЕЊЕ“ НА ГРАДОТ?
Бездомните кучиња ги чека масакр!
Владо Ѓорчев
Градоначалникот Коце Трајановски наложил за два месеца да се ликвидираат 90 проценти од кучињата-скитници во Скопје и, според некои показатели, тој негов морбиден и целосно незаконски план веќе почнал да се реализира - алармираат невладините организации за заштита на правата на животните. Нивните изјави ги потврдуваат стручни лица од Ветеринарниот факултет, кои деновиве биле на средба со Трајановски, како и вработени во стационарот „Вардариште“, кои говорат анонимно.
Според статистиката, во Скопје има околу 10.000 улични кучиња, но активистите на „Срце на животните“ забележуваат дека тие од ден во ден мистериозно исчезнуваат.
Според законот, кучињата треба да се ловат, да се стерилизираат и повторно да се пуштаат на слобода. Смеат да се убијат, и тоа на безболен начин, само кучињата што се многу болни или агресивни. Во стационарот „Вардариште“, во близина на Скопје, во моментов има место само за 50 кучиња, па активистите за заштита на животните се прашуваат каде исчезнуваат.
Во стационарот не сакаа да одговорат на нашите прашања и за одговори не упатија кај портпарол на Град Скопје. Индикативно е што околу стационарот не е дозволено никакво фотографирање и за тоа се инсистира на посебни дозволи.
Портпаролот на Градот, Неделчо Крстевски признава дека е направена евтаназија на голем број кучиња, но вели дека се убиваат само болните и агресивните.
- Досега во стационарот „Вардариште“ се вдомени 201 куче, фатени се 2.425, подоложени се на евтаназја 1. 386, а 829 се стерилизирани. Евтаназија на кучињата се прави по претходна проверка на здравствената состојба од страна на стручните служби. Как кучињата што покажуваат агресивност се применува евтаназија. Со полна одговорност тврдиме дека на кучињата што им е направена евтанизија во стационарот не се здрави кучиња - вели Крстевски.
Од невладината организација „Срце за животните“ велат дека во „Вардариште“ се случува произволно усмртување на кучињата и тие завршуваат на депонијата „Дрисла“.
- Нема никаква шанса секое второ уловено куче во градов да е неизлечиво болно или прекумерно агресивно! Освен тоа, „Вардариште“ со своите капацитети нема никаква моќ да излезе на крај со бројката на бездомни кучиња во целиот град, кога има само една служба за ловење и еден ветеринар. Илузорно е да се очекуваат позитивни резултати со вакво темпо, а во меѓувреме се губат и трошат огромни суми пари - велат во „Срце за животните“.
Професори на Ветеринарниот факултет минатата недела имале средба со градоначалникот Трајановски за да му ги изложат светските искуства како може да се реши проблемот со кучињата-скитници. Тие со себе понеле пропагандни материјали, стратегии и светски искуства за хумано решавање на проблемот, но останале шокирани кога Трајановски им се обратил со зборовите дека прво треба да ги снема сите кучиња од градот, па дури потоа ќе се најде време за хуманост. За намерата на Трајановски во рок од два месеца да се изврши убиство на сите улични кучиња сведочат и некои вработени во стационарот „Вардариште“, кои тврдат дека не можат да направат ништо, зашто тие се само извршители на наредбите на градот.
Исплашени дека може да се случи уште поголем масакр на кучињата, активистите на „Срце за животните“ веќе испратиле протестни писма до градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, до премиерот Никола Груевски, а ги известиле и сите меѓународни организации за заштита на животните, како и голем број пратеници во Собранието. Некои од нив ветиле дека наредниве денови јавно ќе го отворат прашањето од собраниската говорница.
Во нивното писмо се предлагаат и некои конкретни решенија.
„Само со реорганизација и итно зголемување на просторните капацитети, и пред се, со ангажирање на најмалку уште пет стручни ветеринарни лица, во рок од една година би се стерилизирале и кастрирале 7.500 улични кучиња. Во такви услови би немало потреба од ниту една евтаназија“ - пишува во писмото на „Срце за животните“ до премиерот Груевски.
Инаку, и Европската комисија неодамна правеше твининг-проект за стерилизација на бездомните кучиња под мотото „фати, стерилизирај, пушти“. Англиската организација за заштита на животните РСПЦА вложи големи суми пари во Македонија за да ги обучи вработените во Комунална хигиена како да се спроведе овој проект.
|