|
ОТКАКО СЕ ПОСОМНЕВАА ДЕКА ИРИНЕЈ ЗБОРУВА ВО ИМЕТО НА СПЦ
Српските попови им се чудат на македонските
Тони Ангеловски
Владиките од Српската православна црква се зачудени од толкувањата на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија дека ставовите на патријархот Иринеј Нишки не се совпаѓаат со ставот на останатите владики од Синодот на СПЦ и ги оценуваат како несериозни. Според нив, иако има многу несогласувања за неколку прашања во Синодот, постои единство за преговорите со МПЦ-ОА, особено за улогата на Зоран Вранишковски и неговата нерегистрирана црква ПОА во т.н. македонско прашање. Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА на седницата во средата заклучи дека доколку СПЦ инсистира на учество на ПОА во разговорите, тогаш такви разговори е невозможно да се прифатат. Во изјавата по седницата на Синодот, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, Тимотеј, рече дека тие се надеваат оти ставот на патријархот Иринеј не е став и на другите владики од Синодот на СПЦ. - Патријархот Иринеј зборува во името на СПЦ, а не на некоја друга црква и несериозно е да се толкува дека неговите ставови се лични ставови. Ние јасно ставивме на знаење дека сме за преговори, но мора да се почитува и постоењето на признаената македонска црква на Јован. Не може да се отфрли реалноста и секој да си ја толкува вистината на свој начин. Така е невозможно да се дојде до решение - вели еден од влијателните владики во СПЦ. Според него, несфатливо е како некој очекува тие да се откажат од Јован. Тој појаснува дека во јуни минатата година тие изразиле подготвеност да се продолжат разговорите без преголемо инсистирање на прашањето за Јован, но со напомена дека тоа мора да се земе предвид при конечното решение. Меѓутоа, по неколку средби со делегации на МПЦ и дозволувањето присуство на македонска делегација на втори август во манастирот „Прохор Пчињски“, следела новата затворска казна за Јован изречена од велешкиот суд, по што работите повторно се вратиле назад. Инаку, веднаш по изборот на новиот патријарх Иринеј, македонските владици изразија надеж дека полесно ќе се дојде до решение за спорот со СПЦ бидејќи Иринеј Нишки, како што тврдеа тогаш, бил еден од поумерените владици и најдобро решение за српски патријарх. Дури, висока делегација на МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан побрза да присуствува на официјалното прогласување на Иринеј, со што тој беше единствениот архиепископ кој присуствуваше на оваа церемонија.
|