|
Македонисти и бугарофили во ВМРО-ДПМНЕ
Јове Кекеновски
Второто реемитување на емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов, чијшто гостин беше Љубчо Георгиевски со неговото признание за бугарофилство во ВМРО-ДПМНЕ за време на неговото претседателствување се чини дека ја прелеа чашата и затоа решив овој текст да го посветам на случувањата во таа партија, чијшто активен член бев во тие години. Иако мотивите на Ефтов за нејзиното репризирање ми се мошне јасно познати, сепак не сакам да се мешам во мотивите за националното чувство на Георгиевски, од причина што тоа е негово право. Меѓутоа, не можам да дозволам на речиси половината од тогашните членови на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а чијшто член бев и јас, да им се припишуваат бугарски чувства и корени. Морам да бидам искрен дека интервјуто беше добра сатисфакција за сите тие што во тој период ја поттикнаа иницијативата за разрешување на Доста Димовска од функцијата потпретседател на партијата, поради нејзините ставови и дејствување што отстапуваа од тие за кои официјално се залагаше партијата. Велат, кога-тогаш, вистината ќе излезе на виделина. И излезе. Но, мене ме зачудува молкот на медиумите, кои во таа далечна 1997 година цело време ги следеа случувањата во ВМРО-ДПМНЕ и опширно пишуваа, а сега, по толку години, кога вистината излезе на виделина, ама буквално ништо не спомнаа за таа историска седница на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи многумина и не знаат или, пак, заборавиле што се случуваше всушност на таа историска седница, во кратки црти ќе се обидам објективно и по 13 години да ги потсетам читателите што се случуваше и што им претходеше на тие случувања. Кон крајот на август 1997 година, поточно по седницата на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа на 30 август 1997 година во Собранието на Град Скопје, во македонската јавност како бомба одекна веста за жесток судир во највисокото раководство на најмоќната опозициска партија. За многумина судирот изби неочекувано и ненајавено бидејќи дотогаш ВМРО-ДПМНЕ важеше за една од најстабилните политички партии во време кога во речиси сите други партии ескалираа отворени судири (СДСМ, Социјалистичката партија, ЛДП итн). Но, пред да почнам со хронологијата редно е да кажам неколку зборови за првите обиди за бугаризирање на оваа партија. Иако уште на самиот почеток имаше членови со таква ориентација, сепак, вистинската офанзива на великобугарската политика во ВМРО-ДПМНЕ почна кон крајот на 1994 година, за кулминацијата да ја достигне токму на таа (од денешен аспект) историска седница. Претходно формираната ВМРО - татковинска во која се вгнездија најекспонираните борци за великобугарската кауза во Македонија, според процените на стратезите во Софија, не ги даде очекуваните резултати, па затоа се менува тактиката и е решено бајракот на бугарштината да го понесе ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, дадена е директива, малобројното членство на „татковинците“ да премине во ВМРО-ДПМНЕ, да се обиде да се инфилтрира во структурите на партијата и да направи преврат со преземање на раководни функции и со елиминација на клучните личности од ортодоксната македонска опција во неа. Уште во текот на 1995 година во Република Македонија се забележува се позачестена и изострена пресметка меѓу македонизмот и неговите критичари. Во дневно-информативните медиуми, како и во неделниците, некои луѓе со поинакво чувство за припадност и корени се обидуваа да го критикуваат македонизмот како државна идеологија и да ја разоткриваат „историската вистина“ за него, како и неговата „историска ограниченост“. Ваквите обиди ги согледуваме во изјавите и статиите на М. Србиновски, Д. Димитров, А. Лепавцев, Д. Галев, Х. Михаилов, авторката под псевдоним Донка Цветковска (вистинското име му е познато на авторот на текстов) и други. Овие луѓе често за изнесување на своите ставови ги користеа дневно-информативните македонски медиуми, но и списанијата „Македонско дело“ и „Глас“ - орган на ВМРО-ДПМНЕ. Ним аргументирано им се спротивставуваа Александар Донски со својата статија „Македонскиот, а не бугарскиот, е најстар книжевен јазик“ („Глас“ број 24), Александар Диневски, алијас Ахил Апостолов со својот напис „Чакам те да дојдеш“ („Завет“ - гласник на УМС на ВМРО-ДПМНЕ бр. 9), текстот „Некои нови клинци“ (чинам дека автор беше Атанас Стамнов), потоа текстот „Македонија и Русија“ од Александар Филипов (Драги Ивановски), „Кој, кого и зошто го чака да дојде“ од Ѓорѓи Костов, „Антибугарскиот карактер на Великоморавската мисија на светите браќа Кирил и Методиј од 9 век“ и др. Би било неправедно од мене доколку не споменам дека во тој период се понагласена активност има новото раководство на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот весник „Завет“, чиишто припадници стануваат главна потпора на македонската опција во ВМРО-ДПМНЕ. Но, да се навратам на самата седница. Хронологијата на настаните непосредно пред, во текот и по одлуката на „историската“ седница на ВМРО-ДПМНЕ денес е многу малку позната: 54 членови на ЦК, во согласност со член 52 од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, поднесуваат барање за отповикување на потпретседателката Доста Димовска. Причината за поднесување иницијативата беше наведена: отворено протежирање на пробугарска политика и ставови, кои се во спротивност со Статутот и со политиката на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот арогантен, нетолерантен и дрзок однос кон членовите на партијата, неуживање доверба поради нејзиниот избор за потпретседател по пат на фалсификат со само 35 гласа и нејзино активно учество во речиси сите афери што ја потресуваа партијата. На истата таа седница група членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ поднесуваат и Предлог-резолуција со која партијата се оградува од сите врховизми. По неколкучасовна бурна и мачна расправа, во атмосфера на бугарски и шовинистички испади на дел од тогашните членови на Извршниот комитет, проследена со отворено спротивставување на лидерот Љубчо Георгиевски кон двете предложени иницијативи да бидат ставени на дневен ред, епилогот беше логичен и очекуван. Барањето за отповикување и Предлог-резолуцијата воопшто не беа ставени на дневен ред, а Извршниот комитет во полн состав режирано поднесува колективна оставка. Од страна на иницијаторите само авторот на овој текст и Александар Диневски, тогашен член на Извршниот комитет, влегуваат во директен дуел со лидерот Георгиевски. Можеби е момент да споменам дека од 54 потписници за иницијативата за разрешување на потпретседателката Димовска, неколкумина потписници уште на самиот почеток на седницата ги повлекоа своите потписи, а дел од нив јавно кажаа дека играле двојна улога. Сите тие подоцна за своите постапки беа наградени со функции. Тука мислам дека читателите ќе се сетат на Филип Петровски, кој нанапред стана пратеник во новиот парламент, а подоцна и конзул во Њујорк, Пеце Трајковски - Г‘зла од Прилеп, кој стана заменик-министер за локална самоуправа, покојниот Пане Велев - директор на Бирото за јавна безбедност, Александар Пандов, пратеник во новиот парламентарен состав, В. Каранфилов - директор на ЕСМ во Кочани и уште неколкумина други потписници. Останатите, се разбира, молчеа и чекаа да видат што ќе се случи. За карактерот на бугарскиот пир што се случи на самата седница редно е да ги споменам изјавите на неколку членови на тогашниот ИК, изговорени на самата седница. Еве дел од нив: „Голем број странски новинари покажуваат огромен интерес за положбата на македонските Бугари во Македонија; Треба да дојде до смирување меѓу нашиот и вашиот народ“. Ова „вашиот народ“ се мисли на македонскиот (моја забелешка); друг член на ИК изјави: „Да не беше Тодор Александров јас ќе се презивав Родомировиќ!“, други, пак, на говорницата изјавуваа: „Генс уно сумус“ - (омилена изјава на бугарските шовинисти - „Ние сме еден народ!“) или „Што лошо сте виделе од Бугарија, па да ја напаѓате“ итн. Случувањата на седницата на ЦК веднаш најдоа свое место во јавноста, а средствата за јавно информирање беа преплавени со детални пикантерии за се што се случуваше пред, за време и по фамозната седница на ЦК. Наоѓајќи се во „небрано“, двоецот Георгиевски-Димовска набрзина исфрлија неколку тези во јавноста со кои проѕирно и невешто се настојуваше да се сокрие заднината на судирот. Демек, се работи за персонален судир во раководството на партијата, за судир на „интелектуално“ и на „рурално“ крило, за отстранување на „деловно-полициското“ крило и сл. Проѕирноста и неаргументираноста на овие тези беше прочитана најнапред од новинарите, но и од целата македонска јавност, а неколкуте документи кои проциркулираа во јавноста беа доволен доказ да се сфати дека се работи за многу посуптилен проблем, кој, според значењето ги надмина партиските рамки и навлезе длабоко во сферата на националните и државните интереси на македонскиот народ и неговата држава Република Македонија. И покрај се, факт е дека уште тогаш дел од членовите на ЦК, Македонци патриоти, јавно и гласно укажаа на пробугарските елементи во партијата. Се работеше за судир на две крила: едното автентично - македонско, како директен следбеник на историската мисија на ВМРО и, второто - туѓинско, пробугарско. Второво и низ историјата постојано го следело ВМРО во неговата борба за создавање македонска држава и, како по правило, претставувало пречка за остварување на вековниот идеал - создавање независна или обединета Македонија. Во судирот на тие две опции, како што е познато, победи пробугарската и тоа благодарение, пред се, на некои ирационални мотиви во кои бездруго спаѓаат харизмата на лидерот Љубчо Георгиевски и неговата фанатична и жестока одбрана на Доста Димовска, како и латентно присутниот страв на членството од евентуално распаѓање или раскол на партијата на година дена пред изборите. Тука лежи и одговорот зошто 54 потписници на барањето за отповикување на потпретседателката Д. Димовска, кои при потпишувањето отворено зборуваа за нејзиното бугарско педигре, на наредната седница на ЦК, при изборот на новиот Извршен комитет, ја наведнаа главата, се повлекоа и премолчано го одобрија начинот на самопогребување и на своето национално достоинство. Практично, со изборот на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заврши една фаза во реализацијата на, сега веќе слободно може да се каже, еден антимакедонски заговор, добро осмислен, координиран и спроведуван од неколку меѓу себе добро поврзани и синхронизирани центри, потпомогнат со луѓе од партијата. Жално е што поминаа цели 13 години за некој, не сакајќи индиректно да ја признае исправноста и оправданоста на преземената акција, но од друга страна добро е што јавно се кажа дека македонската опција и македонистите биле во право кога јавно ги посочиле носителите на бугарската кауза во партијата. Личната сатисфакција за исправниот потег за мене и за другите потписници (мислам на тие што останаа доследни на дадениот потпис) се непроценливо богатство како за нас самите, така и за сите Македонци, во контекст на нашето опстојување и на нашата историја.
Авторот е универзитетски професор
|