|
ДОТРАЕНИТЕ ОБЈЕКТИ И НЕОДАМНЕШНИТЕ ДОЖДОВИ ГО НАПРАВИЈА СВОЕТО
Музејското благо под вода
Кате Антевска
Археолошките, историските и етнолошките експонати, но и делата од современата уметност, некои од нив со голема вредност, се чуваат во музејските депоа што се речиси пред распаѓање - проблем што е хроничен, а се актуализира деновиве со дождливото време. Сликата во депоата е вчудовидувачка. Нивните ѕидови се влажни, покривите протекуваат или се пред распаѓање, а просториите немаат уреди за регулирање на климата и други неопходни апарати за одржување на културното богатство. Најголем дел од овие простории се стари и по половина век, колку што се стари и музејските објекти, а досега не се реновирани ниту еднаш. Деновиве во Завод за заштита на споменици на културата и музеј во Прилеп се урна покривот на депото, а во Музејот на Македонија се оштетуваат вредни експонати поради влагата што најмногу ја има во зимските месеци, посебно по обилните дождови. Лапидариумот во Куршумли-ан со богата колекција на епитафи од античко време, пак, е во простор што личи на складиште, отворено и лесно подложен на надворешни влијанија. Слична е ситуацијата и со Музеј на современата уметност во Скопје, Музејот и завод во Охрид и други. - Во Музеј на Македонија состојбата е многу лоша: покривот протекува, депоата се влажни и немаат соодветна хидроизолација. Проблемот не е од сега, тој се провлекува долго. Замислете, пред неколку години ни се случи влагата да продре од ѕидовите во сефот каде што се чуваше нумизматичка збирка и оштети илјада антички монети - вели Перо Јосифовски, програмски директор во Музеј на Македонија, додавајќи дека во моментов се конзервираат половина од монетите. Музеј на Македонија, кој се наоѓа во Старата скопска чаршија, е изграден пред четири децении, на место каде што поминува активен извор правејќи сериозни проблеми на архитектурата на објектот, посебно на депоата што се во подрумските простории. Во зградата има три големи депоа со археолошки предмети од праисторијата до денес, меѓу кои и традиционални носии и историски материјали, сите со голема уметничка вредност. Проблем со чување на експонатите имаат и музеите од другите градови. Дел од депоата во Музејот и завод во Охрид немаат основни апарати за регулирање на влагата на воздухот, ниту, пак, соодветни сандаци и полици каде би се чуваат предметите. Под надлежност на Музејот се девет објекти, а збирките се разновидни, од археолошки, до историски и етнолошки. - Дел од депоата се во добра состојба, но дел се во лоша. Чинам дека во најлоша состојба е етнолошкиот депо, во кое нема ниту соодветни кутии и сандаци за чување на носиите и на облеките - вели Тања Бунташевска- Паскали од охридскиот музеј. Таа додава музејот постојано работи на санирање на депоата со пари што ги добива од Министерство за култура, но дека е потребно време да се реновираат сите. Од Министерство за култура велат дека се во тек со проблемите на музеите и дека вложуваат во дел од нив, но е потребно време за да се санираат сите објекти. - Каде што е неопходна итна интервенција, реагираме, приоритетни се санитарните јазли, покривите, изложбените сали - велат од Министерството за култура.
Збирката на МСУ заборавена
Уметничката збирка со стотици дела од модерната уметност што се наоѓа во депото на Музејот на современата уметност, пак, е меѓу најзагрозените колекции, коментираат музејските работници, иако од Музејот на Кале не сакаат да зборуваат на оваа тема. Зградата на МСУ е изградена по големиот скопски земјотрес и постојано страда од влага. Впрочем, посетителите на голем дел од изложбите во зимските месеци биле сведоци на ситуации кога водата се цедела од дотраениот покрив и се собирала во кофи, и тоа во простории каде што се поставени уметнички дела. - Како уметник, многу ми е жал за уметничката збирка од МСУ, која, можеби, е меѓу побогатите меѓу европските музеи. Таа пропаѓа во депото на музејот, а платната лесно се оштетуваат. Колекцијата треба да се презентира пред јавноста како постојана постановка на музејот, само така може да се спаси ова богатство - вели уметникот Атанас Ботев, кој истовремено има искуства во музејската сфера во Графичкото студио при Музеј на град Скопје. Најголемиот дел од збирката во МСУ ја презентира уметноста во 50-тите, 60-тите и во 70-тите години на минатиот век. Таа вклучува слики од познати светски имиња, како Фернан Леже, Андре Масон, Пабло Пикасо, Ханс Хартунг, Виктор Вазарели, Александер Калдер, Алберто Бури, Кристо, Роберт Јакобсен, но и дела од основоположниците на македонската современа уметност, Димитар Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димо Тодоровски и други.
Поправка на Музеј на Македонија во 2011
Зградата на Музејот на Македонија ќе почне да се реновира од 2011 година, најави Перо Јосифовски, програмскиот директор на Музејот. - Покривот што протекува со години, конечно, ќе се поправи, ќе се осовременат депоата со апарати за хидроизолација, а е предвидена и реконструкција на изложбените сали - вели Јосифовски. Археолошката постановка и експонатите од археолошкото депо, пак, ќе се преселат во Археолошкиот музеј, кој се гради на кејот на реката Вардар. Од Министерството за култура најавуваат дека годинава ќе се санира и музејот во Прилеп.
Дирекцијата за заштита без стручни лица
„Дирекцијата за заштита и за спасување“, единствената државна служба што се грижи за заштита и за спасување на објекти во случај на елементарна непогода, нема вработено ниту едно стручно лице што би се грижело за културно-историските споменици во случај на катастрофа. - Голем пропуст е тоа што во Дирекцијата нема историчар на уметност, археолог или, пак, конзерватор, кој ќе може да процени кои од градбите што страдаат од дождови или снегови имаат уметничка вредност. Луѓето што одат на терен не можат да проценат што е вредно, а што не. За нив парче од фасада на црква на кое има насликано фреска, е само обичен камен - коментира Илија Максимовски од „Дирекцијата за заштита и за спасување“. Тој вели дека во случај да се појават археолошки парчиња на брегот на Охридско Езеро нема да има кој да ги идентификува. - Многу веројатно е надојдената вода да донесе токму вакви предмети - коментира Максимовски.
|