|
СЕ ЗАГУБИЈА ПРИДОНЕСИТЕ ЗА ТРИ ГОДИНИ ЗА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ ВО АРМ
Дупка во стажот за војниците
Тони Ангеловски
Министерството за одбрана не ги платило придонесите за пензиско и за инвалидско осигурување на професионалните војници во периодот од 2003 до 2005 година, тврди Синдикатот на професионалните војници во АРМ. Педесетина војници побарале извештај од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во нив виделе дека не им е платен активниот работен стаж за 2003, 2004 и за 2005 година, како и бенефицираниот стаж во периодот пред 12 март 2009 година. Повеќе од 3.000 професионални војници во своите работни книшки немаат потврда за платени придонеси за овој период. Придонесите за пензиско и за инвалидско осигурување во просек за професионалните војници се околу 5.400 денари. - Стажот не ни е платен за три години. Побарав извод од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во извештајот јасно стои дека стажот е платен за претходните, но и за годините од 2006 наваму. Меѓутоа, од 2003 до 2005 не е платено ништо - објаснува професионалниот војник Зоран Стојковски. Тој откако навршил 38 години, со што му престанал работниот однос со АРМ, се обидел да си ги собере документите и побарал извештај од Фондот. Но, во извештајот, покрај неплатениот стаж за три години, видел дека не му е платен ниту бенефицираниот стаж кој му следува како професионален војник. - Единствениот период за кој имам бенефициран стаж е од 12 март 2009 година наваму, а за периодот пред тоа не е платено ниту за еден ден. Според законот, во првите години кога се вработив имавме четири месеци бенефициран стаж, а подоцна го скратија на три. Некои од колегите имаат и шест месеци бенефициран стаж. Но, според документите од Фондот, немаме ниту еден ден - објаснува Стојковски. Од Министерството за одбрана велат дека тие ги платиле придонесите, но проблемот е во Фондот, каде што стажот се уште не е регистриран. - Министерството за одбрана на сите професионални војници им ги има платено сите придонеси, но од технички причини, тие не се евидентирани во базата на податоци на Фондот. Ние го увидовме овој технички проблем и работиме на негово решавање - вели Сашко Димов, портпарол на Министерството за одбрана. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ни ветија одговор, но до крајот на работното време не добивме никакво известување.
Професионалците против пензионирањето
Синдикатот на професионалните војници на АРМ вчера го почна својот протест пред Собранието, кое расправаше за предлог-законот за служба во АРМ, со кој треба да се регулира нивниот статус. Со новиот закон, професионалните војници, по навршувањето на 38 години, преминуваат во активна резерва и ќе добиваат месечен надомест од околу 7.000 денари до исполнување возраст за редовна пензија. Според нив, предвидениот надомест е премногу мал.
|