|
СПОРЕД ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ НА ДБК ОД 1999 ГОДИНА
Латас бил соработник на српската тајна служба
Главниот и одговорен уредник на телевизијата „Сител“ и на весникот „Вечер“, Драган Павловиќ-Латас, бил соработник на тајната српска разузнавачка служба во времето кога на власт во Белград беше Слободан Милошевиќ, пишува во службените белешки на македонската Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) до кои дојде „Време“. Во нив, меѓу другото, е детално опишано и неговото директно учество во организацијата на палењето на американската амбасада во Скопје во 1999 година. Во документите на ДБК, кои се однесуваат за периодот од март 1999 до март 2000 година, детално е опишано дејствувањето на српската тајна служба преку функционерите на амбасадата на СРЈ во Скопје. Во нив, освен Латас, се споменуваат и имиња на други соработници на тајната служба кои организирале и прибирале информации за дејствувањето на силите на НАТО во Македонија. Се споменуваат и организирани акции во Прилеп и во Битола за врбување на соработници кои би работеле за српската кауза во земјава. Драган Павловиќ-Латас во документацијата на ДБК е евидентиран како лице за кое има податоци дека соработува со српската тајна служба која дејствувала преку амбасадата на тогашна СР Југославија во Скопје. Во освртот на дејствувањето на амбасадата во нашата земја со евиденциски број 69 од март 2000 година во прегледот на лицата кои соработуваат со амбасадата под реден број седум е уредникот на телевизијата „Сител“ - Латас. - Павловиќ-Латас Драган, роден на 25.2.1960 година, одржува многубројни и блиски контакти со вработените во амбасадата, најчесто со Раде Ѓорѓевиќ од кого при легендирани телефонски разговори повеќе пати договорил да прими или да предаде разни пратки, или да го извести за завршена работа. Во договор, по потреба и по претходна организација од страна на амбасадата, често пати престојува во СР Југославија. Агентурната мрежа што Службата за државна безбедност на Р. Србија ја има формирано во Р. Македонија е организирана во систем од по три извршители, а една од тројките за пренос на информации во Белград била составена од Драган Павловиќ-Латас, Милован Дрецун и Мирослав Лазански, военополитички коментатори во СРЈ - стои во документацијата на ДБК. Во една од службените белешки на Управата на ДБК - Скопје од 19 март 1999 година детално е опишана подготовката на демонстрациите пред американската амбасада во Скопје, која истата година беше нападната од група граѓани што протестираа поради воздушните напади на САД и на НАТО врз соседна Србија, а демонстрациите завршија со палење на дел од објектот. - Уште од самиот почеток Ѓорѓевиќ му рече на Латас дека е многу несреќен поради тоа што се случува во неговата земја и дека го повикал за да му пренесе поздрав од Белград од „Големиот човек“, цитирајќи му ги неговите зборови: „Кажи Латасу да је ово тренутак да максимално помогне својој отаџбини“ - пишува во извештајот на информаторот на ДБК за средбата која Павловиќ, Раде Ѓорѓевиќ од Амбасадата на СРЈ и уште едно лице ја имале во еден познат скопскиот ресторан во Градскиот парк. Понатаму, според оваа службена белешка, Ѓорѓевиќ му дал задача на Павловиќ да се види со видни личности од српската заедница во Македонија за да организираат демонстрации пред српската амбасада, но така што тоа да изгледа како спонтано собирање, на што Латас му одговорил дека ќе му се јави на некое лице со кое заедно успешно ќе се организираат и дека „американската амбасада ќе стане пепел“.
Ќе ве тужам, немате таков документ
Уредникот на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, вели дека не може да постои документ за негова соработка со српската разузнавачка служба затоа што тоа никогаш не се случило. - Ќе ве тужам за клевета и тебе и уредникот и Велија, бидејќи таков документ немате. Тоа е мојата изјава - вели Павловиќ.
Го шпионирал ВМРО-ДПМНЕ?
Во документот стои дел од разговорот меѓу Ѓорѓевиќ и Латас, во кои тој го прашува дали има пријатели во ВМРО кои би можеле да влијаат за поддршка на Србија, на што Латас одговорил дека неговите пријатели во тој момент биле маргинализирани бидејќи во ВМРО владеело пробугарското крило. Затоа можел да обезбедува само информации, а понатаму ќе се обидел да се доближи до највисоките структури. Разговорот бил воден во 1999 година кога на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, а актуелниот премиер Никола Груевски беше министер за трговија.
|