|
Пинг-понг градоначалник
Јасмина Апостолова
Охридскиот градоначалник во последен момент ја фати летната сезона во Австралија. И така за еден-два месеца таму ќе почнат дождовите, што ти е исто како за џабе да отишол на далечниот континент. А, кога по две недели ќе се врати во поплавениот древен Охрид, ќе биде исончан, впрочем, како што треба да изгледа човек што доаѓа директно од плажа. Тој е истиот оној Александар Петрески, кој повеќе од еден месец игра пинг-понг со прес-конференции со своите политички противници и очајува дека државната власт, токму затоа што е сдсмовски градоначалник, не сака да му помогне на неговиот град. Градоначалник на Охрид, а не жителите, прв ја создаде паничната атмосфера дека градот е пред потоп. Преку медиумите ја напаѓаше државата дека се однесува несериозно кон алармот од природата, а истовремено пишуваше писма и ги праќаше на странски адреси, од кои бараше помош и лелекаше дека никој не се грижи за него и за неговиот убав Охрид. И кој ќе помисли дека тој човек ќе си ги спакува куферите и ќе летне кај кенгурите, токму кога езерото одамна е многу над критичната квота, кога создава езера и на асфалтот, кога брановите ги голтнаа плажите, а жителите на струшкиот и на охридскиот регион живеат во двомесечен страв дека ќе останат без своите домови, кои или ќе ги однесе водата, или ќе ги урне карпа, која им се заканува над главите. Размислува ли охридскиот градоначалник како ќе излезе пред своите сограѓани кога ќе се врати од Австралија? Што ќе им каже на тие од кои пред една година го бараше гласот за својот втор мандат и којзнае што се не им ветуваше дека ќе направи од нивните улици, дворови и животи. Како ќе отиде во Пештани и дали кога ќе се врати ќе ги најде во своите живеалишта затоа што ако состојбата стане уште подраматична, можеби ќе бидат евакуирани, во, за градоначалникот, непозната насока. Охрид е под опсада на високите бранови, на брзите ветрови, на заканата од новите поплави, кои неминовно ќе дојдат откако ќе почнат да се топат снеговите. Досегашната штета се проценува на речиси еден милион евра. Петрески побегна токму кога во неговиот град дојде и армијата, која заедно со локалните жители прави бедеми за спас. По последниот гест на градоначалникот, заслужува охриѓани да му доделат орден за врвно лицемерство. Ја создаде паниката и побегна, покажувајќи дека на градот не му е потребно такво неодговорно лидерство. Ако воопшто во Мелбурн се сретне со тамошниот татко на градот, би сакала да го праша каде се наоѓал кога неодамна Мелбурн го погодија силни бури и кога водата продираше и во зградите. Нека се распраша што прават тие што се одговорни за градот или за државата во случајот кога ќе ги погоди елементарна непогода. Дури и кога службено се наоѓаат далеку, откажуваат се и се враќаат за да го понесат бремето од катастрофата заедно со тие, поради кои седат во удобните фотелји. Поради резилот невиден, вчера неговиот лидер Црвенковски го посети Пештани, веројатно делумно и за да ги спаси угледот и честа на еден од своите најуспешни градоначалници. Ама калкулацијата беше целосно погрешна. Место да ги утеши, ги разгневи поплавените жители.
|