|
ЗАТВОРЕНИЦИТЕ СЕ РАСЕЛУВААТ ОД ЗАТВОР В ЗАТВОР, А НАДЛЕЖНИТЕ НА ГОЛЕМИ МАКИ
Затворските вежбалници-ќелии
Благојче Петрески
Салата за вежбање од прилепскиот затвор, каде што до неодамна затворениците се рекреираа, управа на оваа институција ја претворила во ќелија за нова група осуденици. Затворската управата „вонредно“ го зголемила капацитетот бидејќи морала да вдоми нови осуденици, кои изминатиов месец биле донесени на отслужување затворска казна. Меѓу новите затвореници има и од скопската казнено-поправната установа „Идризово“, за кои морало да се најде решение поради реновирање на затворот, дознава „Време“. Освен во затворот во Прилеп, затвореници од Скопје биле преместени и во битолскиот затвор, каде што место 80 осуденици, казна издржуваат повеќе од 110 луѓе. Реновирањето на полуотвореното одделение во скопскиот затвор, кое е преполно со затвореници, е причината што речиси во сите казнени установи, кои го имаат истиот проблем, биле пратени по петнаесетина осуденици. Во писмото упатено до „Време“ затворениците напишале дека управата на прилепскиот затвор решила да ги отстрани справите за вежбање од салата, по во неа монтирале неколку двокатни кревети за новодојдените осуденици. Затворениците од полуотвореното одделение се пожалиле дека поради студеното време и ограниченото движење во затворот, немало со што да го пополнат слободното време поради пренамената на спортската сала во ќелија. Во Управата за извршување санкции до вчера не беа запознаени со овој проблем во Прилеп, па директорката Лидија Гавриловска, откако ја прашавме дали малите затвори се полнат на сметка на реновирањето во „Идризово“, се информираше од прва рака во затворот. - Точно така, салата за вежбање била пренаменета во соба за осудени, но само привремено. Од „Идризово“ се преместени малку затвореници и не се проблем. Директорот на затворот во Прилеп ме извести дека салата наскоро ќе биде вратена во функција бидејќи се размислувало за повторно преместување на новодојдените затвореници - се оправда Гавриловска. Таа тврди дека проблемот со немањето доволно простории во прилепскиот затвор бил во тоа што во овој период се зголемил бројот на осудени, кои континуирано доаѓале на издржување на затворската казна. Според неа, преместувањето од „Идризово“ се случувало минатиот месец и не направило проблеми во работата на затворите низ земјава бидејќи со редовно отслужување казна си заминале и значителен број осуденици. Гавриловска вели дека засега немало пренатрупаност во прилепскиот затвор, кој има капацитет до 100 осуденици, и дека се е во нормала, но не кажа колку вкупно затвореници има во установата. И во битолскиот затвор „Црн мост“, и покрај преполнетоста, биле однесени затвореници од „Идризово“. Управата се договорила да прими 15 затвореници, а да премести 10 во друг затвор. Единствен затвор во кој засега пренатрупаноста не е проблем е штипскиот затвор, па иако биле донесени поголем број затвореници од „Идризово“, се уште не била премината дозволената бројка. Директорот на КПУ „Идризово“ вчера не беше достапен за одговор колку осуденици биле преместени во затворите низ земјава и колку тоа го чинело државниот буџет.
|